СМЕАТА И ШЕГАТА СЕКОГАШ ЈА ПОБЕДУВААТ ТРАГЕДИЈАТА

На 38-та Светска галерија на цртеж Скопје 2010 во организација на Остен, добитник на Награда за светско културно наследство беше Пабло Пикасо. Според статутот, Остен се обврзува да има онолку дела од добитниците на Награда за светстко културно наследство, колку што брендот Остен има години во годината кога е добиена наградата. Оттука 66 дела на Пикасо од колекцијата на ОСТЕН.

Еден од наградените на 53-та галерија беше карикатуристот, Миле Манчевски од Велес или познат под името Милман. По тој повод направивме кратко интервју со него и пренесуваме дел од неговите дела во прилог.

GREEN-PRESS: Добитник сте на награда на 53 та галерија на карикатури. Може ли повеќе информации за вашите дела кои беа дел од натпреварот. Какви карикатури претставивте?

Милман: Наградата Цицо е престижна награда во рамките на нашата Држава, наменета за македонски карикатуристи и се доделува традиционално на Светската Галерија на карикатури која сама по себе е една од најпрестижните манифестации од областа на карикатурата во светот. Наградата Цицо се добива за целокупниот ангажман и творештво на еден автор. Јас сум посебно благодарен на ова големо признание и за мене претставува еден додатен стимул да продолжам да работам со ова темпо и да изнаоѓам нови полиња како инспирација.

GREEN-PRESS: Каде ја наоѓате најмногу инспирацијата за цртање карикатури?

Милман: Македонија и светот денес се непресушен извор за творештво од областа на карикатурата. Бројните настани и случувања сами по себе носат инспирација да преку еден сатирично-ликовен израз се коментираат самите тие. Овие две години ние карикатуристите своето творештво го посветивме на случувањата околу Ковид кризата. Во овој период на Пандемија јас како карикатурист изработив повеќе од 1000 карикатури, посветени на здравствените работници. Лично сметам дека во овие времиња- невремиња, поддршката кон луѓето во скафандери кои 24 часа се грижат за нашето здравје, треба да им се даде, како мотив и поттик да го издржат предизвикот.

GREEN-PRESS: Колку време се занимавате со цртање карикатури? Кога и како започнавте?

Милман: Со карикатура се занимавам 38 години. Моите почетоци се врзани за весникот “Студентски Збор”и рубриката “Кикс” каде своите први карикатури ги објавиле и многу познати имиња на Македонската карикатура.

GREEN-PRESS: Колку е популарна карикатурата денес?

Милман: Карикатурата била и ќе биде популарна бидејќи таа на еден софистициран начин може да ги прокоментира настаните околу нас. Убавото во карикатурата е што многу пати без ни еден збор или со неколку збора се доловува некоја појава или случување а за истата да се објасни, некогаш е потребно да се напише или искоментира подолг текст. Сите сме сведоци на прекрасните новинарски текстови на наши врвни новинари, каде со текстот многу пати одела и карикатура како дополнување на текстот. Знам дека понекогаш текстот и ќе се подзаборавел но карикатурата се памети многу подолго. Многу карикатури во минатото беа на последната страна од весниците и не случајно често пати истите се читаа од последната страна.

Со еден збор, карикатурата секогаш си го наоѓа местото во секое општество оспорувано или не, популарноста нејзина секогаш е и ќе биде на високо ниво.

GREEN-PRESS: Каде најмногу ги претставувате вашите дела? Кои се награди и изложби до сега ги имате реализирано?

Милман: За жал денес кај нас нема голем број печатени медиуми, каде што е застапена карикатурата, па затоа ние карикатуристите своите дела ги презентираме преку социјалните мрежи, каде што комуникацијата од овој тип е во пораст. На овој начин лесно се доближуваат карикатурите до нашата публика од која што сме следени во огромен број. Убавото во сето ова е што постојано добиваме и коментари за она што го имаме пласирано. Овие коментари на нашите следбеници на социјалните мрежи, секогаш делуваат инспиративно и многу пати се провокација за нови и нови наши креации од различни теми и области. Јас како што и претходно споменав, овие две години ги посветив на здравствените работници и верувајте се чувствувам многу гордо и корисно заради тоа, бидејќи нема поголема награда и сатисфакција за еден автор од таа кога ќе добиете благодарност на социјалните мрежи или едноставно некој здравствен работник ќе ве сретне на улица со зборовите ” благодарам што си со нас”. Оваа година во тек се а дел веќе и поминаа, мои самостојни изложби на тема “Ковид-19”, каде во градовите во кои ги изложувам моите дела, свое учество земаат и здравствените работници од тој град и со свои коментари, сеќавања и препораки активно учествуваат во овој мој проект.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search