Што да учам за работа од соништата!?

…закупивме co-working space на југот на Шпанија, две недели плажа, сонце, море ќе биде опкружувањето на нашиот работен простор. Она што ми треба е компутер, интернет и дисциплина да се сработи секоја превземена обврска. После тоа летаме за Швајцарија. После море, добро ќе ни дојде свеж планински воздух и од таму ќе работиме. Ова беше изјавата на две девојки фриленсери што ги запознав на една стартап работилница. Звучеше восхитувачки.

Светот слушна за Велес преку работењето на fake news и 150тина интернет страници регистрирани во Велес град кои повлијаеа на изборите за претседател на САД. Но како тоа знаење за ИТ на младите и повозрасните да се канализира кон вистинска, легална професија? Како тоа знаење да овозможи стабилен месечен приход или работа од соништата?

Со тој повод и по повод почетокот на новата учебна година и актуелноста на темата и процесите за дигитализација што се одвиваат во Македонија, направивме интервју со Диме Зафиров, ко-основач на SkillUp Академијата за програмирање и TechUp Технолошкиот Парк во Велес. Човек со големо искуство во ИТ индустријата, стекнато во некои од најдобрите ИТ компании во Скопје.

После 10 години поминати во Скопје, тој се врати назад во Велес за да започне академија за програмирање, како и компанија за развој на софтвер.

На социјалните мрежи честопати се појавуваат написи за SkillUp академијата. Може ли накратко информации, кои се видови на курсеви ги нуди оваа академија?

Зафиров: SkillUp Academy нуди курсеви и академии за деца и возрасни од областа на програмирањето. Кај возрасните ги имаме академиите за frontend и backend програмирање. Академиите ни траат по 5 месеци со интензивен фокус на практична работа. Имаме многу практични вежби, многу домашни задачи, многу проекти и хакатони. Останува на студентите само да бидат упорни и истрајни. Кај децата имаме повеќе програми за основци и средношколци. За најмалите имаме Вовед во програмирање со Scratch, каде што децата учат како да прават анимации и игри по програма дизајнирана од Harvard. Имаме и програма за развој на игри со Unity платформата, со чија помош се направени некои од најпопуларните игри. Студентите освен што користат готови елементи од платформата, исто така го учат и C# програмскиот јазик потребен за да се развие една игра. И нормално, тука се и најпопуларните академии за Веб Дизајн и Веб Програмирање, каде што студентите учат да креираат веб страни и веб апликации.

Зошто младите би одбрале да инвестираат време и финансии во овие одлуки. Кои се можностите за нив после завршувањето на овие курсеви?

Зафиров: Платите во ИТ индустријата се драстично поголеми од било која друга индустрија. А и побарувачката за програмери постојано расте. Но и покрај тоа, ние секогаш ги советуваме нашите студенти да не бидат понесени од високи плати и бенефиции.

Вистински програмер ужива во процесот на работа. Платите и бенефициите ја следат добрата работа.

Нормално, сите студенти доаѓаат со намера да станат програмери. Има природни таленти кои секако ќе станат програмери, со или без наша помош. Тука ние само помагаме за насочување. Кај некои други студенти потребно е малку повеќе работа. Меѓутоа, не треба да гледаме на програмирањето само како на професија. Тоа е вештина која помага во секој аспект од животот, бидејќи пред се е вештина за решавање на проблеми. Да научиш да програмираш значи да научиш да го дефинираш проблемот, а потоа да го најдеш најдоброто решение. Ова помага на било кое поле од животот. Програмирањето е највисокото ниво на вмешаност во процесот на дигитализација. Можеби нема да стигнеш до таму, но можеш удобно да се сместиш некаде на средина на процесот, како личност која добро ги користи дигиталните алатки за да ја заврши било која работа. Не секој ќе стане програмер. Но тоа не значи дека не може да го искористи стекнатото знаење за програмирање за да најде подобра работа.

Колку младите од Велес и Македонија ги имаат предзнаењата за да бидат дел од дигиталниот пазар?

Зафиров: Велес во минатото покажа огромен афинитет кон дигиталните технологии. Во времето кога сите работеа со fake news, речиси секој знаеше да креира и сетира веб страна или веб продавница. Многу млади луѓе учат програмирање, работат со дигитален маркетинг или инвестираат во криптовалути. Така што предзнаењата се дефинитивно тука. А и секој може на интернет да најде се што му е потребно за да научи да работи со технологија. Ние во SkullUp само им го олеснуваме процесот на студентите преку пренесување на знаењето на структуриран начин, под менторство на искусни програмери.

Кои се битните нешта кои треба да се менуваат во Македонија за полесна имплементација на дигитализацијата?

Зафиров: Мора да се направи промена на менталниот склоп на луѓето. Едукација чекор по чекор. И учење и форсирање (или барем мотивирање) секогаш да се одбере дигиталната варијанта – од плаќање на сметки онлајн, преку користење на дигитални алатки во работата, па се до стекнување на вештини за дигитализација и програмирање.

Како вие се пронајдовте во оваа професија. Каде се гледате вие или компанијата во иднина?

Зафиров: Јас лично сум во ИТ индустријата веќе 12 години. Кога прв пат влегов во оваа индустрија се ми беше ново и непознато. Но со тек на време и многу повторување, ги учиш концептите и можностите. До степен каде што сега сум посветен на создавање на кадри и дигитално описменување на деца и возрасни. Со SkillUp одиме стабилно, чекор по чекор. Годинава ги надминавме сите очекувања, посебно на академиите за деца. Имаме над 60 студенти. Ќе продолжиме да работиме со истото темпо и се надеваме дека бројките ќе продолжат да растат. Сакаме да го водиме процесот на менување на менталниот склоп. Да им отвориме нови погледи на луѓето.

С.Д.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search