За заштита на животната средина пластичните ќеси ќе коштаат 15 денари

Според новото законско решение, пластичните ќеси кои граѓаните ги купуваат во продавница, од 1 декември 2021 година ќе чинат 15 денари по парче, со што треба да се дестимулира купувањето на ваквите производи што ја загадуваат животната средина.

„Трговецот од ставот (4) на овој член ќе биде должен да води евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место која ја доставува до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина“, се наведува во законот.

Физичките лица во иднина ќе се казнуваат со глоби од 200 евра ако спалуваат или закопуваат отпадни гуми, масла и друг вид отпад во природата или на патиштата. Со казни од 150 евра пак ќе поминат оние граѓани кои фрлаат ѓубре кајшто ќе им текне, додека глоба од 50 евра е предвидена за поединците кои не вршат селекција на отпадот или не го одлагаат отпадот во посебните контејнери наменети за ова.

Овие ставки се само мал дел од казнените одредби во предложениот Закон за управување со отпад, којшто веќе неколку месеци се наоѓа во собраниска процедура.

Исто така, со новиот предложен закон се предвидува забрана за користење на пластичното пакување за еднократна употреба во угостителските објекти што се наоѓаат во заштитените подрачја во земјава, и тоа од 1 декември 2021 година.

Од 1 јануари 2022 година производителите кои на пазарот пуштаат во промет спакувани стоки од кои се создава отпад во пакување ќе мора да платат надоместок во висина од 7.400 денари за тон хартија и дрво или 9.200 денари за тон создадена пластика, метал, композит и стакло.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search