Украинскиот народ има право на слобода и демократија!

„Денеска се разбудивме во еден поинаков свет“, оцени денеска германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, во својата изјава дадена неколку часа по почетокот на руската инвазија на Украина.

„По месеци на подготовки, лаги и пропаганда, претседателот Путин ноќеска донесе одлука по заканите да следуваат ужасни дела. Со воениот напад врз Украина, руската влада пред очите на светот ги крши елементарните правила на меѓународниот поредок. Русија сама го избра тој пат.“

Според Бербок, „оваа војна би требало да уништи пред сѐ едно – надежта на луѓето во Украина, кои по децении на неслобода имаат право на демократија, право на мир и на подобра иднина, без угнетување“. Тоа, според германската министерка за надворешни работи, на Путин нема да му успее: „Претседателе Путин, никогаш нема да можете да ги уништите тој сон. Тој расте во Украина, расте и во Вашата земја“, нагласи Бербок и додаде дека е уверена оти „и во Русија многу луѓе се срамат и се огорчени што со бескрупулозни убиства на нивните браќа и сестри во Украина на името Русија му е нанесена децениска штета“.

Шефицата на германската дипломатија најави „пакет најостри санкции против Русија“, за кој ќе се разговара во рамките на ЕУ, Г7 и НАТО. Бербок во своето обраќање соопшти и дека германските дипломати се повлечени од Киев.

„Вчеравчер, поради безбедносни причини, одлучивме од Киев да се повлече и преостанатиот персонал од германската амбасада“, изјави Бербок, додавајкќи дека Министерството за надворешни работи во Берлин сега „во зависност од состојбата“ ќе донесе одлука дали Германија би имала дипломатско претставништво во некој друг украински град. Освен тоа, министерката ги повика и сите Германци кои сѐ уште се наоѓаат во Украина веднаш да ја напуштат земјата, или доколку тоа не е можно, да се засолнат на најбезбедно можно место.

Обраќајќи им се на германските граѓани, министерката за надворешни работи рече дека „оваа војна во нашето директно соседство ќе има последици и за нас, во Германија“: „Санкциите против Русија, растечките цени и падот на курсевите на берзите ќе влијаат ретроактивно и врз Германија. Ние не ја избравме оваа ситуација, но не можеме, а и не сакаме да ѝ се тргаме од патот.

Европскиот мировен поредок од последните децении е основа за живот во благосостојба и мир. Ако сега не се заложиме одлучно за тоа, ќе платиме уште повисока цена“, рече во своето обраќање германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Ова е „Путинова“ војна – оцени германскиот канцелар Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц побара од рускиот претседател Владимир Путин веднаш да го запре нападот врз Украина и целосно да ги повлече руските трупи од украинска територија.

„Со својот напад врз Украина рускиот претседател повторно еклатантно го крши меѓународното право“, рече Шолц, нагласувајќи дека нападот го загрозува мирот во цела Европа, носи страдање и уништување во земјите кои се директни соседи и го загрозува животот на безброј недолжни луѓе.

„За сето тоа нема оправдување. Ова е Путинова војна“, рече германскиот канцелар и додаде: „Ќе се покаже дека Путин со оваа војна направи тешка грешка.“

Во својата куса изјава Шолц најави и натамошни остри санкции. „Во тесна соработка со нашите меѓународни партнери во НАТО и ЕУ уште денеска ќе донесеме натамошни остри санкции против Русија. Целта на санкциите е на руското раководство да му се стави јасно до знаење – за оваа агресија ќе платите горчлива цена.“

ИЗВОР: ДОЈЧЕВЕЛЕ

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search