Нехуман третман на Ковид болните во Велес

Денес наша екипа беше сведок на катастрофалниот начин на менаџирање на Ковид центарот во Велес и нехуманиот третман кон лицата потенцијално заразени со Ковид.

Изнемоштен старец мораше да стане од клупата на која што седеше затоа што тоа беше единствената работна маса за медицинскиот персонал. Под отворено небо во дворот на поранешното училиште Џинот во Велес се врши приемот и регистрацијата на присутните и потенцијално заразените од Ковид. Старецот и многумина други лица со симптоми и со нарушено здравје едвај дочекаа да се појави медицинскиот персонал. Од Мој термин 30тина лица имаа добиено порака да се појават за тестирање во 9:00, 9:10 и 9:20 часот. Но медицинскиот персонал се појави нешто подоцна од 9:30.

На наше прашање зошто на оваков нехуман начин се третираат лицата со Ковид ни одговорија дека Ковид центарот работел од 9:30 часот, а тие за термините не биле одговорни.

Само 2 столчиња во дворот на руинираното училиште има на кои изнемоштените и болни од Ковид можат да приседнат. Нема ниту тоалет, ниту чаша вода. Не дај Боже на некој да треба да му се укаже медицинска помош. Денес за среќа имаше сонце и времето беше добро. Но температурите паѓаат, замислете 30тина лица чекаат да бидат тестирани во исто време чекајќи да се појави медицинскиот персонал кој преоптеретен со термини и со мал капацитет на медицински лица треба да продолжи да ги тестира и учениците во училиштата.

Голлготата на потенцијалните носители на Ковид не започнува во дворот на поранешното училиште, што е сегашен Ковид центар кој работи во крајно нехумани и нецивилизирани услови веќе година дена. Голготата на заразените од Ковид започнува со тоа што по недела дена чекаат термин за преглед. Кога ќе ја добијат пораката за кога да бидат тестирани само пишува да се појават во „CJZ“ или ако претпоставите тоа значи Центарот за јавно здравје. Но „CJZ“ во Велес не е ниту во Болницата, ниту во Брзата помош, ниту во некоја медицинска установа. „CJZ“ или Ковид центарот во Велес е во поранешното основно училиште Ј.Х.К. Џинот, кое еден период беше и факултетски центар, а денес е само руинирана зграда.

Кога потенцијално заразените од Ковид ќе ја добијат пораката за термин за преглед од своите матични лекари се препраќани да се тестираат во Ковид центарот кој се наоѓа во поранешниот Пензионерски дом. Кога лицата ќе пристигнат таму ги пречекува лист хартија на кој пишувано на рака се вели, дека тестирањето за Ковид е во училиштето Џинот кој е 300 метри подалеку.

Ако се обидувате да зазвоните на Брза Помош од операторот на А1 за точно да се информирате каде треба да одите, ќе бидете автоматски префрлени кон Центар за итни интервенции кои не се Брза помош, па ќе добиете информација дека треба наместо 194 да ѕвоните на 1944.

Ако се обидете да зазвоните на бројот на Центарот за јавно здравје што е објавен на интернет ќе добиете непостоечки број. И така во лавиринт изнемоштените болни покрај маката во која се здравствено имаат дополнителен стрес и предизвик да успеат само да бидат тестирани. Замислете ако треба да добијат некои лица итна медицинска интервенција.

И потоа се прашуваме зошто имаме секојдневно огромен број на починати и заразени лица. Одговорот е затоа што менаџирањето во здравствените установи како оваа во Велес е во крајно нехумани и нечовечки услови.

Дали некој ќе ја сноси одговорноста конечно и дали некогаш нештата ќе се променат останува да видиме. Но не треба во ниту еден момент да молчиме или да се плашиме да ги споделиме овие ситуации јавно. Затоа што нештата мора да се менуваат, а со молчење и без јавно посочување на овој начин на проблемите ништо нема да се промени.

Но крајно време е одговорните лица да видиме дека понесуваат одговорност и дека се поставуваат одговорни лица кои знаат и умеат да ги менаџираат процесите. Се работи за јавно здравје. Се работи за човечки животи!

Д.С.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search