Младите со конкретни дигитални иновации за зелена општина

Зелена Мапа или Green Map е мобилна апликација која како иновација е производ од активностите на проектот Зелена мапа за зелена заедница во реализација на Фондацијата Импакт Нет и повеќе од 67 младинци од четирите средни училишта во градот и од Младинскиот Центар во Велес. 

Апликацијата претставува прв Зелен катастар изработен од млади. Концептот на апликацијата е под водство на основачот и претседател на Фондацијата Импакт Нет, Стевче Дечев, кој воедно е и координатор на проектот. Изведувач на апликацијата е Иван Трифунов, а на интернет платформата Горан Андреевски. 

Покрај дигиталните иновации со проектот се овозможи и мониторинг на Програмата за животна средина на Општина Велес за 2022 и 2023 г. Мобилизаторите на заедницата Стефан Атанасовски Трајковиќ и Благој Ѓорѓиевски, како будно око од граѓанскиот сектор вршат континуирано следење и евидентирање на политичките ветувања и конкретната реализација или не-реализација на активностите од политичките и институционалните субјекти.

Мобилната апликација Зелена Мапа има четири главни модула: 

  • Tree Map – за мапирање на дрвјата во Велес и површини каде е потребно да се засадат нови дрвја. Мапирањето на дрвјата го направија учениците од средните училишта кои воедно беа и учесниците на Тренинг обуката за млади лидери промотори на трансформативни практики за имплементација на Зелениот Договор на ЕУ. Тие првенствено поделени во четири групи, а подоцна и поединчено успејаа да мапираат повеќе од 2442 дрва во Велес и 27 површини каде треба да се посадат дрвја. На апликацијата е поставен линк преку кој мапирањето ќе може и понатаму континуирано да се изведува се со цел да се подобрува квалитетот и квантитетот на зеленилото во градот и општината, а секое мапирано дрво може да се именува. 
  • BusMapper – модул на апликацијата со кој ќе се мапираат автобуските постојки во градот и временските термини во кои се реализира јавниот градски транспорт, но и предлозите на нови места за постојки кои ќе овозможат подостапен јавен градски превоз. Целта на овој модул е да допринесе за помасовно користење на градскиот превоз со што би се намалил бројот на автомобилите во градот, а со тоа и загадувањето на воздухот. Исто така преку овој модул ќе се собираат податоци кои ќе бидат доставени до Градоначалникот и Советот на општината со цел развој на нови маршути за одвивање на градскиот превоз и во високите делови на градот и именување на автобуските постојки. 
  • Bike Route  – модул кој ги мапира велосипедските патеки во градот и до Езерото Младост, кои се дадени како политички ветувања од сегашниот и од претходниот Градоначалник и кои веруваме дека како безбедна траекторија ќе бидат наскоро изведени со цел се помасовно и побезбедно користење на велосипедот како превозно средство но и за се поголема рекреација. 
  • Recycling – модул кој ги прикажува мапираните контењери на Пакомак за хартија, пластика и стакло. Со овој модул преку проектот се испраќа и континуиран повик за што побрза реализација на Регионалната депонија која е политичко ветување на повеќе гарнитури од 1994 г. 

Покрај овие модули преку апликацијата Зелена Мапа или Green Map корисниците ќе можат да слушаат и интернет радио т.е во секое време да бидат со музиката по избор на Импакт Медиа тимот или да се поврзат со социјалните мрежи на фондацијата и да бидат информирани за низа можности од граѓанскиот сектор, проекти и патувања во кои ќе можат да се вклучат или да бидат информирани за низа општествени случувања преку информациите на интернет поратлот Green-Press.com 

Младите лидери преку активностите во проектот Зелена мапа за зелена заедница успејаа да остварат средби и со координаторите од политичките партии во Советот на Општина Велес, пратениците во републичкото Собрание и претставниците од неколку сектори при Општина Велес со цел констуктивно и заедничко посветено дејствување кон изградба на Велес во зелена општина. 

Понатамошното дејствување после завршувањето на проектот покрај нови активности на волонтерите и младите лидери ќе продолжи и преку Импакт Медиа Тим – редакција од млади лидери кои ќе реализираат програма на Интернет радиото Импакт, содржини на порталот Green-Press и подкастите на повеќе теми. 

Активностите се дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Искажаните ставови, мислења и содржини на овие активности не мора да ги отсликуваат ставовите на донаторот, проектот или имплементаторот. #CHinMK

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search