чистењето ѓубре е борба со ветерници – зелените од прилеп

Викендов нашата екипа на Зелените од Прилеп го посети новото излетничко место „Спортско рекреативен центар Прилепско Езеро” кое треба да претставува катче за поминување на слободното време со своите најблиски. Убаво уреден простор со паркинг за автомобили, место за велосипеди, пешачки патеки, видиковци, клупи и спортски терени. Нова патека, нови клупи, нови спортски терени но стари проблеми.

Во местото владее неговото височество отпадот. И покрај поставените корпи за отпад, отпадот го имаше насекаде наоколу освен во корпите за таа намена.

Немаше друг виновник за оваа жална слика освен некултурата и неодговорноста на луѓето кои продолжуваат да го уништуваат ова место кое наводно треба да претставува место за релаксација во природа.

Во минатото пред да биде изграден овај комплекс Прилепското вештачко езеро служеше како излетничко место. Луѓето доаѓаа на пикник но после секој викенд видливо беше нивното присуство затоа што на тоа место имаше изобилство на расфрлани шишиња, остатоци од храна, пикавци и кутии од цигари.

Како еколошки активисти многупати организиравме акции за чистење на ова место со цел враќање на убавините на природата. Местото го добиваше својот сјај после секоја еко акција но тоа траеше само до наредниот викенд кога повторно зацаруваше неговото височество отпадот.

Изговорите на излетниците беа дека „немало корпи за отпад па немало каде отпадот да го фрлаат”. Сега во новизградениот излетнички комплекс има и доволно корпи поставени покрај секоја клупа но повторно старата слика.

Честопати си го поставуваме прашањето: Дали толку сакаме да живееме со отпад околу нас? Толку ли е ниско развиена нашата култура и свест? Зошто немаме никаква одговорност кон природата?

Можеби навистина треба да си одговориме на овие прашања секојпат пред да отидеме на пикник во природа и пред да прокоментираме како тоа во Западна Европа е секогаш чисто.

Текст на Зелените активисти од Прилеп.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search