Топилница и Цементарница не се цвеќарница!

fabrika

Велешани успејаа да се спротивстават на градењето Цементарница среде населено место. Зелените активисти од ДОМ и од граѓанските организации, поддржани со негативно мислење од Општина Велес кажаа одлучно НЕ на идеата за изградба на нова инсталација или потенцијален нов загадувач.

Повикувајќи се на Уставот на државата со кој се штити правото на здрава животна средина, Општинската Организација на Зелената Партија ДОМ изврши итно обраќање до пошироката јавност веднаш по прес конференција на Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на која беше споделена информација дека од Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање до Општина Велес е доставено Барање на мислење за изведување на проект – „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот Техно Павер“ во Населбата Превалец во Велес

„Во Превалец – приградска населба на Велес сакаа да градат цементарница, не цвеќарница! Стануваше збор за цементарница, не за цвеќарница, или фарма за органска храна, или парк на ветерници или фотоволтаици. Нека одлучното НЕ опстои во секој нов обид за загадување! Зашто кај нас постои многу добро позната народна поговорка која вели: ПОДОБРО Е ДА СЕ СПРЕЧИ, ОТКОЛКУ ДА СЕ ЛЕЧИ!“ – велат од зелените активисти од Велес. Тие за ова известија алармантно, констатирајќи дека станува збор за цементарница во круг на индустриски капацитет кој на многупати беше посочен како загадувач на воздухот посебно со облаци од прашина од вар на целата населба Превалец и високиот дел од Велес во Урбаната Заедница Тунел и Урбаната Заедница Мирка Гинева – Превалец. За што на интернет сеуште постојат видеа од облаците прашина предизвикани од оваа инсталација.

Сакаат да градат ЦЕМЕНТАРНИЦА, не ЦВЕЌАРНИЦА и тоа среде населено место!

Од неодамнешно анкетирање од Зелениот Институт на граѓани во Велес токму каменоломите во Велес беа посочени високо во листата како едни од горливите и проблематични точки кои влијаат кон загадување на животната средина, на воздухот, водата и почвата, но и како места на бучава предизвикана од екплозиите во каменоломите, на тоа додавајќи ги емитирањето на прашина која не им е непозната на жителите од Превалец и жителите од реонот на Новите Згради во населбата Тунел и Керамидна. Во овие населени места, апликацијата за мерење на загадувањето на воздухот со PM честички многупати има идентификувано состојби на енормно загадување, за што и неколку пати објавувавме и споделувавме информации.

Согласно тоа зелените активисти изјавуваат дека е неприфатливо да се размислува за позитивни мислења од страна на локалните и националните институции за изградба и ставање во функција на цементарници, топилници или слични инсталации среде населени места.

И кога една битка ќе се заокружи се појавуваат нови жаришта или старите се оставаат да тлеат. Чиниш како некој секојдневно да сака да наштети на животната средина, на здравјето на луѓето, на воздухот, кој и самите тие – инвеститори го дишат. Во Велес покрај каменоломите опасност што продолжува да демнее и да го загадува воздухот е и отворената депонија. Решението за истата веќе со децении се развлекува, но велешани се упорни и бараат итно санирање и решавање и на овој горлив проблем кој го загадува воздухот над Велес:

Покрај гореспоменатите ново жариште за потенцијален загадувач се појавува и во Скопје, поточно во Гази Баба, алармираат овој пат од зелените активисти од Гази Баба.

Стоп за нова Топилница – опасност за Гази Баба и цело Скопје

Продажбата на државното земјиште на приватен инвеститор со намена Е 3.1 „постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад на парцели во Старо Скопје“ каде според Нацрт-извештаите за СОЖС ќе се обработува и опасен отпад (ќе се топи цинкова прашина) е главниот проблем преку кој може да се отвори нова Топилница како онаа што беше во Велес, но сега во главниот град или поточно во Општина Гази Баба.

На три парцели со вкупна површина од 20 хектари коишто се наоѓаат зад комплексот Железарница во Општина Гази Баба е предвидено да се гради фабрика за преработка на отпад. Идејата е на локалната власт од каде што сметаат дека ваква постројка е неопходна за да се реши проблемот со отпадот од комплексот Железарница.

Експерти укажуваат дека реализацијата на овој проект носи ризик по здравјето на жителите на Гази Баба и воопшто на граѓаните на Скопје.

Погледнето го целото интервју со зелениот борец од Гази Баба, Дејан Димитровски дадено за Институтот за комуникациски студии.

НЕ СЕ ДИШИ! САКАМЕ ЧИСТ ВОЗДУХ

Според Законот за животна средина, посебно членот 28 се има Обврска за заштита на животната средина и еколошко чисто подрачје. Во членот 8 од истиот закон има Начело на одржлив развој кое гласи: дека задоволување на потребите за здрава животна средина, како и социјалните и економските потреби на сегашните генерации треба да биде остварено без притоа да се загрозат правата на идните генерации. Според истиот закон во членот 69 е предвидено: Известување и учество на јавноста, а според членот 91 е предвидена, Јавна расправа за оваков вид на одлуки. Со тоа би посочиле дека ниту локалните институции, ниту експерти, ниту националните имаат право да донесат мислење или одлука без за тоа да одлучат граѓаните т.е жителите од Урбаните Заедници кои се најмногу засегнати, на што веруваме ќе дадат солидарна поддршка и сите жители на одредена општина.

Членот 106 во Законот за животна средина предвидува одбивање за издавање дозвола за инсталации од оваков вид. Одговорот на локалните и државните институции не треба да е поразличен од определбата да се заѓтити животната средина, здравјето на луѓето, воздухот, почвата, водата. А за било каква одлука сепак првиот и последен збор треба да го имаат граѓаните кои се засегнати и кои треба да продолжат да живеат во здрава животна средина.

Од зборови да преминеме кон дела за заштита на животната средина!

Обидите за инсталирање на нови загадувачи се случува паралелно кога се потврди дека нашата држава сака да чекори во имплементација на Зелената Агенда за Западен Балкан и неодамна усвоениот Европскиот Зелен Договор, каде главна цел е намалување на емисиите на стакленички гасови до 50% до 2030 година, а до 2050 година е предвидено да нема емисии на стакленички гасови и економскиот раст да биде независен од употребата на ресурси. Нашата држава како претендент за членство со тоа е обврзана за исполнување на овој високо приоритетен ЕВРОПСКИ ЗЕЛЕН ДОГОВОР за трансформација на нашето општество кон еколошко.

Европскиот Зелен Договор има за цел да го заштити здравјето и благосостојбата на граѓаните од ризици и влијанија поврзани со животната средина. Тој ги става луѓето на прво место. За да се испорача Европскиот Зелен Договор, треба да се преиспитаат политиките за снабдување со чиста енергија низ економијата, индустријата, производството и потрошувачката, инфраструктурата, транспортот, храната и земјоделството, градежништвото, оданочувањето и социјалните придобивки. За да се постигнат овие цели, неопходно е да се зголеми вниманието дадено за заштита и обновување на природните екосистеми, за одржливо користење на ресурсите и за подобрување на здравјето на луѓето.

Стевче Дечев

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search