Многу кандидати за градоначалници, малку Реални решенија

Скопјани ќе избираат меѓу 12 кандидати за градоначалник и 15 советнички листи. Ова е досега најголем број на кандидатури поднесени за локални избори во главниот град. Изборната кампања е во тек и можевме да се изнаслушаме секакви ветувања од реални и потребни за граѓаните до научна фантастика од холивудските филмови.

Скопје станува град во кој е невозможно да функционираш нормално. Секое утро бескрајни колони од возила кои се движат до работните места, нервозни возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила, слабо функционален јавен превоз и општ хаос. Ако сте пешак ќе треба да поминувате низ лавиринтот на паркирани возила, а ако сте со количка со мало дете подобро да бидете со јаки мускули за да ја носите количката во раце покрај паркираните возила на тротоарите.

Времето во домот може да го поминете во кафе муабет на терасата со поглед во собата на комшијата од соседната зграда.

Проблемот со голем дел од кандидатите за градоначалници е како да се кандидирани само за да се себе рекламираат и да ја замајуваат јавноста со теми од научната фантастика, наместо со проблемите на граѓаните и конкретни решенија.

Дел од кандидатите наместо да говорат за растеретување на градскиот сообраќаен метеж ветуваат дека би вовеле бесплатен паркинг во градот, што би значело дека тие сегашната состојба на сообраќаен хаос и висок степен на загаденост од сообраќај дополнително би ја зголемиле.

Интересно е што некои од кандидатите не се ни појавуваат на дебатите за да се соочат со конкуренцијата. Преплавени сме од спонзорирани постови на фејсбук каде кандидатите за градоначалници се сликаат како се поздравуваат или пијат кафе со своите сопартици обидуваќи да креираат некаква победничка атмосфера. Но на луѓето не им требаат фотографии од кафе муабетот со вашите сопартици, туку конкретни решенија на нивните проблеми.

На Скопје не му требаат мегаломански проекти, згради, споменици и фасади од стиропор. На Скопје му треба: Нов генерален урбанистички план. Селектирање, рециклирање и компресирање на отпадот. Чист воздух
Елиминирање на енергетската сиромаштија. Велосипедски и пешачки патеки.

Единствени конкретни решенија и предлози со цел спречување на бетонизацијата и општиот сообраќаен хаос во градот имаме од кандидатката за градоначалничка Ана Петровска.

Таа издвои и дека врвен приоритет става на хигиената, на олеснување на движењето на граѓаните и на намалување на загадувањето.

Особен впечаток остава нејзината изјава: „Потребни се стручни и непоткупливи луѓе на чело на Град Скопје, со една единствена цел заштита на граѓаните од урбанaта мафија.

Скопјани заслужуваат зелен и хуман град.“
Токму тоа е потребно на жителите на Град Скопје, зелен и хуман град за урбано живеење. Време е жителите на главниот град вистински да почуствуваат како е да се живее во еден нормален функционален град, со здрава животна средина и висок животен стандард.

Б.Н.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search