Иновации за зелени заедници! Мониторинг на политичките ветувања

Во месец октомври Фондацијата Импакт Нет од Велес започна со реализација на проекетот Зелена мапа за зелена заедница кој е финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Поддршка на изборни реформи имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES).

Со цел да дознаеме за иновативните решенија и пристап кои се имплементираат преку овој проект направивме кратко интервју со Стефан Атанасовски Трајковиќ и Благој Ѓорѓиевски кои се номинирани за мобилизатори на заедницата и дел од проектниот тим во Импакт Нет.

GREEN_PRESS: Стефан, во Велес но и на национално и меѓународно ниво веќе си доста познат како млад граѓански активист кој своето слободно време претежно го исполнува со учество на бројни активности, обуки и случувања за млади лидери. Може ли повеќе да ни кажеш за себе и твоите активности во граѓанскиот сектор.

СТЕФАН: Ученик сум во Гимназијата Кочо Рацин во Велес, а како граѓански активист, дел сум од активности поврзани со образовните реформи, младинското учество, процес на дигитализација, заштита на животната средина, а со проектот Зелена мапа за зелена заедница на Фондацијата Импакт Нет номиниран и за мобилизатор на заедницата со тоа и дел од програмата за изборни реформи поддржан од Владата на Швајцарија. Исто така сум дел од програми на УНИЦЕФ и ЕУ за детска правда и механизми за поголем пристап за детска правда, а преку нив и учесник на повеќе меѓународни форуми за деца и млади. Желбата да бидам дел од низа меѓународни и домашни активности за млади, но и желбата со своето учество да допринесам за конкретни решенија за нас младите, зашто ние младите не сме само иднината, ние сме и сегашноста, беше поддржана пред се од повеќе професори од Гимназијата за што сум им доста благодарен, повеќе меѓународни мрежи за млади, а од неодамна и од Фондацијата Импакт Нет. Со константна инволвираност и мој активен придонес продолжувам и понатаму.

БЛАГОЈ: Професионално работам со дизајн и web дизајн, но проектот на Фондацијата Импакт Нет, Зелена мапа за зелена заедница како иновативно решение за заштита на животната средина ми беше мотивација поактивно да се вклучам во самата негова реализација, а со тоа и да добијам можност да поминам низ неколку обуки за мобилизатор на заедницата што беше прекрасна основа на која можам како понов активист во граѓанскиот сектор да се надградувам и да допринесам со свој ангажман заеднички да направиме поперспекетивна заедница за нас младите.

GREEN_PRESS: Мотивот за овој разговор беше вашето номинирање за мобилизатори на заедницата во рамките на проектот Зелена мапа за зелена заедница како дел од мониторинг програмата за Изборни реформи. Што всушност подразбира мобилизирање на заедницата и на што вршите мониторинг?

Стефан Атанасовски Трајковиќ

СТЕФАН: Фондацијата Импакт Нет предложи иновативни дигитални решенија кои наскоро ќе бидат презентирани пред јавноста и тие ќе бидат дигитални алатки преку кои ќе се поттикне заедницата во нивно активно користење. Со тој наш мал придонес кон заштитата на животната средина преку иновативни решенија ќе дадеме голем поттик во поттрага и дизајнирање кон нови уште поголеми дигитални решенија но и конкретни активности кои ќе бидат реализирани согласно политичките ветувања на локалните и националните учесници во властите и институциите. Зошто дигитални решенија? Затоа што тоа веќе е одлика на новото време во кое живееме, а преку нив ќе собираме податоци кои ќе ни помогнат во мапирање на квалитетот и квантитетот на зеленилото, велосипедските патеки, собирањето и преработката на отпад, јавниот транспорт и слично. Бројките ќе сведочат за одредени потреби, приоритети, а со тоа полесно ќе имаме преглед и мониторинг на успешноста за дадените ветувања на политичките субјекти.

Стефан: Велес може да прерасне во добар пример на трансформативна заедница кон зелена и општина која треба да го зачува приматот дека ја извојувала Еколошката Револуција!

Благој Ѓорѓиевски


БЛАГОЈ: Како што спомена и Стефан, мобилизирањето на заедницата во креирање но и користење на дигитални иновации ќе допринесе за собирање на податоци, но и потврда што е потребно да се направи и каков е квалитетот на сето тоа што се прави или што не се прави. Покрај мобилизирањето на заедницата со проектот вршиме и мониторинг на одредени области и програми на локалните власти. Ние ставивме фокус кон мониторинг на Програмата за животна средина во Општина Велес и среќни сме што учествуваме во Јавната расправа која ја организираше општината и Градоначалникот. Нацрт програмата за животна средина на Општина Велес за 2023 г. во неколку точки како што се јавното зеленило, пошумувањето, конечната изведба на велосипедски патеки во градот и до Езерото Младост, управувањето со отпадот, во некои точки се поклопуваат со она што е наш програмски фокус и ќе се застапуваме се повеќе за нивна успешна изведба. Сепак иако постојат позитивни придвижувања, потребите ја надминуваат реализацијата и видливо е потребна што побрза реализација на конкретни мерки и активности за јавниот транспорт, омасовување на пошумувањето, обезбедување на велосипедска патека по должина на целата главна улица во градот и обезбедување на безбедни услови за лицата кои користат или сакаат да користат велосипед или тротинет. Тоа е начин да го намалиме загадувањето од автомобилите.

Благој: политичките и институционалните субјекти да бидат свестни дека се под будно око од граѓанскиот сектор.

СТЕФАН: Нацрт програмата на Општина Велес е ветувачка, но истата пред се треба да наиде на одобрување и изгласување од страна на Советот. Сепак буџетската основа е премала за битни реформи и изведба на конкретни иновации во полето на заштитата на животната средина, со тоа повикуваме Општината да продолжи да биде отворена како и досега во потрага по нови фондови, а ние од граѓанскит сектор стои на располагање за поддршка во тој процес.

GREEN_PRESS: И двајцата бевте во неколку различни држави во изминативе месеци. Кои се битните впечачтоци кои ги увидовте кои може да се поттик и мотивација на конкретни идеи и решенија од таму некаде и она што тука може да биде имплементирано со фокус на заштитата на животната средина?

БЛАГОЈ: Голема восхит ова лето ми беше билетот од 9 евра за користење на јавниот транспорт во Германија. Акција која траеше 3 месеца и со кој билет буквално можеше било каде во Германија да се патува. Со примена на такви мерки едноставно се мотивира граѓанството во променети навики. Верувам дека со таквата акција, загадувањето од милиони автомобили допринесе и кон намалување на загаденоста на воздухот таму, но и поттикна милиони луѓе да продолжат да го користат јавниот превоз, а со тоа да се намали сообраќајниот хаос.

СТЕФАН: Дефинитивно и јас би го споменал јавниот превоз. Од моето последно патување во северна Италија увидов колку значаен е квалитетниот, брзиот и практичниот јавен транспорт кој е достапен за граѓаните и кој ги мотивира активно да го користат. За разлика од кај нас, посебно состојбата од главниот град која е моментално катастрофална и обесхрабрувачка. Затоа би повикал, какви и состојби на несогласување да имаат политичарите тоа да не го решаваат врз грбот на граѓаните. Промената на власта од една кон друга структура не треба да значи потоп туку натпревар во подобри мерки, активности и механизми за поквалитетно живеење. Сакам да верувам дека основата која постои во Велес може да прерасне во пример на добра пракса. Тука сме и ние како млади граѓани да допринесеме со мобилизирање на заедницата поттик на локалните власти во испорачување на квалитетни решенија. Да размислуваме и дејствуваме заеднички.

GREEN_PRESS: Кои се следните активности кои проекетот Зелена мапа за зелена заедница и мониторингот на програмата за животна средина ги опфаќа?

СТЕФАН: Во овој и наредниот месец имаме планирано низа средби со претставници од локалната власт и државните институции, како и средби со парламентарците од Велес, без фаворизирање на политичката припадност. Сакаме лично од нив да ги слушнеме заложбите и конкретните акции кои планираат да ги превземат или да ги гласаат во Советот или во републичкото Собрание. Се разбира галвниот фокус и конкретни решенија со проектот ни се решенија од областа на животната средина и младите и за нив пред локалните и националните власти ќе се застапуваме да наидат на поддршка или да бидат реализирани. Во месец јануари ни е предвидена Јавна расправа и Трибина со сите субјекти од институциите кои работат на полето на животна средина, веруваме и со учество на Градоначалникот, членовите на републичкото Собрание, членовите од Советот на Општина Велес и граѓанскиот сектор за да ги промовираме заедничките заложби кои ќе водат кон транформација на заедницата кон зелена и еколошка и задржување на приматот дека сме општина во која е остварена Еколошка Револуција.

БЛАГОЈ: Исто така продолжуваме со Мониторинг матрица на политичките ветувања, но и мониторинг кон она што ќе биде усвоено и изгласано како Програма за животна средина во Општина Велес за 2023 година со цел политичките и институционалните субјекти да бидат свестни дека се под будно око од граѓанскиот сектор.

*Активностите се дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Искажаните ставови, мислења и содржини на овие активности не мора да ги отсликуваат ставовите на донаторот, проектот или имплементаторот. #CHinMK

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search