Градови без здив! Чекаат ли општините сезона за перење на теписони за да се измијат и улиците?

Практиката на миење улици, традиција, која датира од почетокот на 19от век, игра клучна улога во заштитата на животната средина и на јавното здравје. Оваа прастара општинска практика е покажано дека е ефикасна алатка во борбата против загадувањето на воздухот и спречувањето на ширење на болести, што ја прави незаменлив дел од урбаното одржување.

Градовите се жаришта за различни извори на загадување на воздухот. Во нив загадувањето најчесто е од емисиите од загревање на домовите, емисиите од возилата, градежната експанзија, согорувањето на отпадот, искористувањето на природните ресурси и индустриските активности. Отежнувачка улога во поголемо загадување нормално имаат и географската положба на населеното место и временските услови. Но човекот е тој кој предлабоко влезе во природата, таа веќе беше тука пред индустријата и урбанизацијата.

Акумулацијата на прашина, отпадоци и загадувачи на урбаните улици значително придонесува за деградација на квалитетот на воздухот. Затоа посветени мерки за редовно оддржување и редовно миење на улиците е едно од клучните и можеби најлесно применливите начини за отстранување на овие загадувачи, спречувајќи ги да се подигнат во воздухот и да се инфилтрираат во атмосферата.

Преку проверената практика на миење улици, општините ги ублажуваат ризици на пролиферација на бактерии, вируси и заразни болести, промовирајќи хигиенска средина која е од клучно значење за спречување на ширење на болести и за заштита на јавното здравје.

Како во Европа и кај нас, мнозинството на граѓани од државата, живее во градовите. Но за разлика од напредните европски држави кои од поодамна се имаат посветено на намалување на загадувањето, кај нас таа практика како фокус е понова, а честопати и несуштинска, театрална или минимална. Па затоа загадувањето на воздухот руши рекорди. 

И краткорочната и долгорочната изложеност на загаден воздух може да доведе до широк спектар на болести, вклучувајќи мозочен удар, хронична опструктивна белодробна болест, рак на душникот, бронхитис, влошена астма и инфекции на долните дишни патишта. 

Меѓународната агенција за истражување на ракот го класифицираше загадувањето на воздухот, особено PM2.5 честичките, како водечка причина за рак.

Децата се особено ранливи бидејќи нивните тела, органи и имунолошки системи сè уште се развиваат.

Соња Гаврилова од Велес, психолог и еден од борците против Топилницата во Велес ќе изјави: порано загадувањето во градот, пред се доаѓаше од Топилницата, предизвикувајќи здравствени проблеми кај граѓаните на Велес поврзани со дишните патишта, од кои најпогодени беа децата. Низа од податоците потврдуваа дека секојдневно дишиме воздух со Сулфур Диоксид, Кадмиум, Цинк, Олово. Институциите тоа го криеа. Бевме пионери со тоа што почнавме активно да говориме дека нема ништо позначајно од здравјето на луѓето и дека треба да се стави крај на најголемиот извор на загадување. Како педагози и граѓански активисти моравме да носиме низа деца со респираторни заболувања на рехабилитации надвор од градот, но проблемот на загадување сеуште беше присутен и секојдневно продолжувавме да бидеме труени. И понатаму како последица на загадувањето се раѓаа деца со аномалии и попречености. Еден од податоците беше дека плацента земена од папочната врвца на родилките од Велес, е 3 до 4 пати позагадена од таа на родилки од Скопје. Во примероците на крв од учениците од училиштето Васил Главинов имаше енормни количини Олово и Кадмиум. Тој фрапантен податок не загрижи сите. Затоа здружени родители, невладини организации и активисти успеавме да докажеме дека еден мора да си оди, или Топилницата од градот или ние граѓаните. Затоа во овие урбани и модерни времиња сакам да верувам дека овој пример нема никогаш да се повтори.

Целиот текст прочитајте го на страницата на ЗНМ. Автори на истиот се: Ивана Јаневска, Стевче Дечев и Светлана Ристеска

https://znm.org.mk/рекордери-во-загадување-но-не-и-во-наоѓ/?fbclid=IwAR1KOjEohTqNsJfSZpLilSBHysbDDnYJLLRaHQ2bb978NkJ1Lpm2bJOL_n4

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search