Сеење магла или изгубени во маглата!? – Колумна од Стевче Дечев

Некои луѓе од дрвјата не ја видоа шумата, други од маглата го изгубија патот.

Минатиов период наидов на слоган кој коалиција на две политички партии го промовираше за нивниот престоен настап на локалните избори. Првенствено ми беше смешно да слушнам таков слоган „Излези од маглата”, пред се поради тоа што тие две партии се составен дел на владината коалиција од чија што магла наводно сакаат да излезат или пак станува збор за нивно „продавање магла” зашто друга покреативна кованица не им текнала.

Постои една анегдота која вели: кај нас политичките партии се делат на леви и десни во зависност од тоа која страна од мозокот не им работи. Претпоставувам дека коалицијата „Магла” сакајќи да покаже дека и работат двете страни од мозокот решила да прави Граѓанско движење на центарот за да се држи до двете страни. Согласно вториот неспоив, а навидум и смешен момент е дека две лево ориентирани политички партии за изборите ќе правеле Граѓанско движење на центарот. Значи две политички партии регистрирани согласно Законот за политички партии ќе глумат граѓанско движење. Чуму ова? Пологично ќе беше граѓани поединци или невладини организации да формираат граѓанско движење. Но политички партии да сакаат да бидат граѓанско движење сведочи дека или партиите останале без членство и општински организации и сакаат да се самораспуштат или навистина партииве се во збунка (кажано на велешки).

Да појаснам! Граѓанското општество не се однесува на приватната сфера на семејството, а во рамките на јавната сфера, граѓанските организации и движења се разликуваат од политичките партии поради тоа што не настојуваат да ја освојат (со исклучоци под одредени потреби за политички промени во авторитарни режими), задржат и да партиципираат во власта, туку преку надворешен притисок влијаат врз истата за остварување на предвидените цели. Оттука, граѓанското општество се јавува како посредник помеѓу граѓаните како индивидуи и политичките и административните структури на државата, за која теорија се согласува и Хегел.

Во рамките на политичката улога која ја играат, организациите на граѓанското општество претставуваат противтежа на државите и корпоративната моќ, а со тоа се есенцијален столб кој промовира транспарентност, отчетност и други аспекти на она што се нарекува „добро владеење“.

Граѓанското општество и граѓанските движења ја претставува „моќта на граѓаните“ делувајќи во насока на решавање на одредени барања на граѓаните, зајакнувајќи ги демократските капацитети во општествата

Си спомнувам дека на стратешко планирање минатата година пред едниот од политичките субјекти ја промовирав идеата за Граѓанска – зелена листа, што би значело едно место на листите за граѓанските организации, едно место за политичките партии. Но не претопување и не глумење нешто што некој не е! Туку, јасно поделување и разбирање на нештата со јасно наведени нешта во меморандум. Но изгледа партииве не ја сфатиле суштината или пак некој друг „што им солел памет” и во буквална смисла ја применил народната „Видела жабата го потковуваат коњот, па и она кренала нога”. Или толкувано за да ја разберат поговорката, политичкава коалиција „Магла” мора да свати дека ако сака да го примени црногорското сценарио каде Građanski pokret URA успеа да формира влада прво мора да разбере дека URA не е граѓанско движење туку име на политичка партија. Значи граѓани и организации кои формираа политичкa партија. Значи, политичкиве партии од коалицијата „Магла” мора да сватат дека тие се веќе се политички партии и слободно може да се борат да ја освојат власта, локална или национална. Ако би сакале да бидат граѓанско движење тогаш би требало да престанат да бидат или глумат политичка партија.

За ова што го говорам да можат да го разберат еве сликовито ќе објаснам и споделам неколку примери и од науката и секојдневието. На пример, Георг Фридрих Хегел – За граѓанското општество ќе запише дека е посредник помеѓу граѓаните како индивидуи од една страна, и политичките власти и институции на државата од друга.

Алексис де Токвил – За граѓанското општество и граѓанските движења ќе запише дека ја играат улогата на перманентна врска помеѓу политичката власт и индивидуалните граѓани. Тој предупредува на опасноста од бирократизација во услови кога граѓанското општество би се приклонило кон политичката власт на самата држава.

Гледиштето на Алан Турен е дека политичките партии ги остваруваат интересите на граѓанското општество во рамките на политичката сфера, со потенцијална можност преку освојување на власта да управуваат со државата, а граѓанското општество е јавната сфера. Според ова гледиште граѓанското општество е сфера чија функција е да обезбеди амбиент во кој би функционирал концепт на јавност која се грижи за општото добро и го замислува како арена во која се разменуваат информации за најразлични општествени теми во атмосфера на ненасилство, рамноправност и демократска партиципација со цел создавање подемократско и послободно општествено опкружување. За сметка на политиката и државата, за кои се претпоставува дека сами по себе се одраз на демократскиот капацитет на едно општество, поголем акцент се става на граѓанското општество како социјален сегмент задолжен за подобрување на демократските капацитети на општеството во целина.

Во нашиот Закон за политички партии во членот 2 се вели: Политичката партија е доброволна организација на граѓани, формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта. Политичките партии своите цели ги остваруваат преку демократско формирање и изразување на политичката волја со учество на избори, како и на друг демократски начин.

Додека, граѓанското општество ја претставува сферата на доброволно здружување и неформално или формално поврзување, во која поединците или групите се ангажираат во вршење активности од јавен интерес. И затоа се тој коректор на секоја власт. Во делот на јавната сфера, граѓанското општество се разликува од државата и власта (политичката сфера) во фактот што се темели исклучиво на доброволна основа, а не на механизмите на легитимна принуда обезбедена преку институции. Исто така граѓанското општество се разликува од економската сфера, поради тоа што е непрофитно ориентирано, односно се залага за остварување на општи добра и вредности, а не за материјална заработка.

Во современото дефинирање, терминот граѓанско општество уште се среќава како трет сектор, цивилно општество, граѓанско содружништво, „посреднички сектор“, невладин сектор, независен сектор, доброволен сектор, добротворен сектор, сектор ослободен од даноци или во меѓународната терминологија civil society (eng.), economie sociale или société civile (fr.), bürgerliche Gesellschaft (ger.) societàcivile (it.).

Многу од современите граѓански организации се насочени кон конкретни прашања, како на пример: правата на жената, малцинските и човекови права воопшто, социјалните нееднаквости и нивното надминување, функционирање на правниот систем, заштита на животната средина и во своето делување од структурите на официјалните власти.

За Лари Дајмонд граѓанското општество е: „Сферата на организиран општествен живот кој е отворен, доброволен, самосоздавачки, барем делумно самоодржлив, автономен од државата, втемелен во правниот поредок или збирот на колективни правила и норми.“ Според последното гледиште, од граѓанското општество се исклучени групите кои се формирани со цел да ја дестабилизираат државата.
На крајот на овој дел, накратко ќе се задржиме на улогата на граѓанското општество во рамките на современите демократии. Во оваа смисла може да се разликуваат два пристапи – либерален и радикален. Според либералниот модел или пристап, граѓанското општество го претставува општествениот простор во кој граѓаните се здружуваат и дејствуваат во сопствени организации и движења во кои ги изразуваат сопствените интереси, растоварени од влијанието на политиката.

Во рамките на радикалниот модел, граѓанското општество најчесто делува преку граѓанско движење како извор на отпор во однос на апсолутна, опресивна или тоталитарна власт, при што за разлика од либералниот модел каде се оди кон соработка, во овој модел граѓанскиот сектор многу често делува во насока на промена на политички режими, па дури и на цели општествени системи. Пример за делувања во оваа насока се масовните граѓански движења кои се појавија во Централна и Источна Европа во 1990 години, а кои делуваа за трансформација на тоталитарните еднопартиски комунистички системи во демократски плуралистички општества. Сличен е и примерот со различните движења и активности на граѓанскиот сектор поврзани со т.н. Арапска пролет, која започна во 2010 година, а истата придонесе значаен дел од државите во арапскиот свет да се реформираат со смена на традиционалните автократски режими во обид за демократизација на тамошните општествата.

Основната цел на граѓанското општество и граѓанските движења е агрегација на интересите на различните невладини организации и здруженија, кои, пак, од своја страна ја претставуваат волјата на граѓаните. Истовремено граѓанскиот сектор ги претставува индивидуалците и групите во едно општество, кои не се дел од политичките структури во државата и се независни.

За крај на оваа прва лекција би рекол, НВО-ии и политиката се поврзани двонасочно. Од една страна, различните организации нужно се упатени на политиката бидејќи ја споделуваат јавната сфера и потребата од заштита и унапредување на јавниот интерес, но, од друга страна, опасноста од политизација може да ја намали или потисне автономијата во дејствувањето на различните НВО-ии.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search