изборот на америка да се повлече од авганистан

Брзиот пад на Кабул потсетува на неславниот пад на Сајгон во 1975 година. Освен локалните последици – чинови на одмазда во секоја сфера на општеството, строга репресија врз жените и девојчињата и масивно напуштање на земјата – пријателите и непријателите добија дополнителна основа за сомневање во сигурноста на САД поради стратешкиот и морален неуспех на Америка.

Постојат војни што се водат поради неопходност, тука се вбројуваат Втората светска војна и Заливската војна во 1990-1991 година. Тоа се војни во кои се користи воена сила бидејќи тоа се смета за најдобриот и честопати единствениот начин за заштита на клучните национални интереси. Исто така, постојат војни што се водат поради избор, како што се војната во Виетнам и војната во Ирак во 2003 година, во кои земјата војува, иако за интересите кои се во прашање не може да се рече дека се клучни и постојат невоени алатки што можат да се применат.

Сега, се чини, има и повлекувања што се вршат поради избор, кога владата ќе ги отстрани војниците што можела да ги остави во регионот на активни воени дејствија. Не ги повлекува војниците затоа што нивната мисија е завршена, ниту пак нивното присуство станало неодржливо, ниту дошло до ситуација кога владата на земјата-домаќин побарала нивно заминување. Ниту една од овие ситуации не важеше кога САД се најдоа во Авганистан на почетокот на мандатот на претседателот Џо Бајден. Повлекувањето беше избор и, како што честопати важи за војни што се водат поради избор, изгледа дека резултатите ќе бидат трагични.

Американските војници за првпат пристигнаа во Авганистан пред 20 години, за да се борат заедно со авганистанските племиња кои сакаа да ја соборат талибанската влада, којашто обезбеди засолниште за Ал Каеда, терористичката група одговорна за нападите на 11 септември 2001 година, во кои загинаа речиси 3 000 луѓе во САД. Талибанците наскоро беа во бегство, иако голем дел од нивните водачи избегаа во Пакистан, каде што со текот на времето одново се организираа и ја продолжија борбата против авганистанската влада.
Бројот на војниците се зголемуваше со текот на годините, за време на претседателскиот мандат на Барак Обама, тој достигна над 110 000, раст што одеше рака под рака со проширувањето на амбициите на САД во Авганистан. Трошокот беше огромен: околу 2 милијарди долари и близу 2 500 американски животи, плус повеќе од 1 100 животи на нејзините коалициони партнери, како и до 70 000 жртви на авганистанската војска и речиси 50 000 починати цивили. Резултатите, пак, беа скромни: додека избраната авганистанска влада (единствена во историјата на земјата) ги контролираше големите градови, нејзината контрола беше слаба во многу помали градови и села, со кои повторно завладеаја Талибанците.

Прочитај ја целата колумна на следниот ЛИНК.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search