Или МИР или нова Октомвриска револуција!

„Европското единство беше сон на неколку луѓе. Тоа стана надеж за многумина. Денес тоа е неопходност за сите нас. Неопходно за нашата безбедност, за нашата слобода.“ Ова е мисла на Конрад Аденауер, првиот германски канцелар на Западна Германија и човекот кој успеа да воспостави стабилна демократија во пеплосаната Германија која ја загуби војната. Човек кој ја помири Германија со Франција, кој воспоставил успешен период познат како Wirschaftswunder (или економско чудо) со кој се овозможила благосостојба и основа за подоцнежно обединување на двете германски држави. Тој, е човек кој ја добил наградата за развој на европската идеја, европската соработка и европскиот мир. Неговиот став е јасен и потврдува дека комунизмот и нацизмот го повредуваат човековото достоинство. Со таа цел цврсто ја интегрира Западна Германија во Евроатлантската заедница или НАТО и Организацијата за европска економска соработка.

Зошто го споменувам Аденауер во оваа колумна? Затоа што наоѓам сличности во потребата за постапување во одлуките кои се предложени на Украина од страна на Путин. Имено Аденауер добил понуда од Сталин, уште во 1952 година за обединување на двете германски држави во една неутрална, разоружана Германија. Аденауер се сомневал како и западните Сојузници во искреноста на таа понуда. Критичарите тогаш го осудиле дека ја пропуштил можноста за обединување, но се потврдило дека Сталин не е вечен и дека обединувањето сепак се случило и европската перспектива што ја поставил Аденауер ја прави денес Германија една од водечките сили во Светот.

Мандатот на Аденауер е во поголем дел поврзан и со издржувањето на предизвикот од Студената војна предводена од Сталин, поради кого ќе споменам друга споредба која е карактеристична и потребна да се разгледа во контекст на војната во Украина. Тоа е случката, Битката за Москва.

Имено Сталин ги искористувал советските медиуми за да ја залаже советската јавност со лажни вести за “големите порази кои ги трпеле германските сили на источниот фронт”, додека Советскиот Сојуз трпел милионски загуби во војници и во цивили кои биле заробени или убиени од страна на германските сили на источниот фронт. Сталин мислел дека неговата пропаганда ќе придонела за поттикнување на моралот и храброста кај советските војници и граѓани. Таква одлука гледаме дека и денес е во сила во Русија и народот таму живее во информациски мрак и под пропаганда на контролирани вести и информации од Кремљ.

Некои велат дека нема што да се учи од историјата. Но оние кои нема да ги научат грешките од историјата се склони да ги повторуваат. Оние кои решија да создадат иднина, од пепелта после фашизмот, ја создадоа европската солидарност за просперитет базиран на мир, слобода, отворен пазар и демократија.

Мирот во Европа беше одржуван осумдесет години. МИР наспроти омразата и насилството кои се криминални и кукавички акти на предавство!

Да се бара слобода, правда и демократија е возвишена човечка должност и одговорност, не предавство. Да се тепа, мрази и брани криминалот – тоа е предавство!“ 

За мирот како имеператив се воспитуваат генерации. За мирното решавање на конфликти се учат методи. Мирот носи просперитет и благосостојба. Но мирот мора и да се чува и тоа ненаивно туку решително. А дел од оние кои наштетуваат и го нарушуваат мирот се најчесто диктатори, автократи и се сметаат за незаменливи властодршци и истите најчесто завршуваат или на буниште, или во егзил или на суд за злосторстсва против човештвото и остануваат запишани во историјата за зло кое што не би сакале да се повтори.

Токму тој мир како акт на цивилизациска придобивка беше нарушен пред точно две недели. Светот се разбуди во четвртокот на 24 февруари со веста за целосна руска инвазија на Украина.

Кога се натрупуваше војска на границите, сите верувавме дека тоа е само тактика и акт на вербална закана. Но копнените сили од Русија и Белорусија продреа на украинска територија на повеќе фронтови, како и од внатрешноста на окупирана Украина, а во тек е воздушно бомбардирање низ целата територија кое се интенвизира.

Оваа инвазија е најфлагрантниот чин на агресија забележан во Европа од Втората светска војна и јасно кршење на меѓународното право.

Некои велат: А НАТО кога ја бомбардираше Србија! За нив го споделувам како соодветен одговорот на мојот пријател Игор: Ако е неправедно тоа што НАТО го направи во Србија и со Косово, тогаш и тоа што сега Русија го прави со Украина е неправедно. Ако двојните стандарди не се добри, не се добри секогаш.

За истите го цитирам и српскиот политичар, Вук Драшковиќ, кој вели: Точно е дека НАТО ја бомбардираше Србија, но разликата е голема зашто осум години пред бомбите на НАТО, режимот на Слободан Милошевиќ уништуваше, палеше и сееше гробови. Тој ги отфрли сите меѓународни договори во чие изготвување учествуваше и Русија, а бомбардирањето е легализирано од Советот за безбедност на ОН со согласност од Русија.

Други велат: Украина ја провоцираше Русија и поради тоа е нападната.

Тие би ги прашал: Дали на семафор или во сообраќај ако некој ве изнервира излегувате и го претепувате или убивате? Сигурно не. Но состојбата вели дека има и такви испади. Затоа, за таквите следи казна со која сторителите треба да платат оштета или да завршат во затвор.

Така и во меѓународното право сите предизвици и провокации се решаваат со дијалози и преговори и преговори. Тоа е одликата и достигнувањето на цивилизациската политика чија основа е мирот. Тоа е основата која се издигна врз пепелта и рушевините од Втората светска војна и врз која беа создадени низа меѓународни организации како гаранција на мирот.

Воспоставувањето на МИРОТ беше цел и на Црвената армија. Не случајно и од таму доаѓа прекрасниот збор МИР. Но мнозина херои од таа армија сигурно се превртуваат во гроб кога гледаат повторување на нацистички насилства во денешниот 21 век и тоа кон братски народ.

Трети велат: Украина требаше да се откаже од своите аспирации за членство во НАТО зашто тоа ја загрози безбедноста на Русија и Русија мораше да се брани да не дојде НАТО на нејзините граници.

Овој факт паѓа во вода, со одговор што членки на НАТО се држави кои граничат со Русија, како Естонија, Латвија, Литванија, Норвешка, Полска (како соседна на Калининград), по морски пат Романија, Бугарија, Турција.

Тој факт паѓа по вода и поради фактот што Украина е независна, суверена држава и народот на Украина има право да одлучува самостојно. Се согласувам дека Украина би требало да игра на картата повеќе со балансирачка политика, за што пишував во мојата претходна колумна. Но и Бог ни ја остави слободната воља и правото на избор и не не ограничи, па не треба за изборот на украинскиот народ да одлучува одреден автократ од Москва.

Посликовито тоа би го објаснил преку ситуација. Замислете, дека сте гладни. Ви се јаде салата. Вегетаријанец сте. Едноставно копнеете за добра салата. Седнувате да јадете во ресторант и нарачувате салата. Доаѓа келнерот со порција месо. Му велите но вегетаријанец сум, нарачав салата. На тоа келнерот ви одговара: ова мора да го јадете денес и ви става ножот под вратот.

Четврти не можат да прифатат и да се помират со фактот дека нивната слика на лидер кој јава мечка, кој пали свеќа во црква дека може да прави злосторства против човештвото. Да може. Што друго и би можело да се очекува од од човек воспитуван по КГБ интриги.

Да се прифати дека тој човек врши злосторства против човештвото не значи дека мора да ви се допадне веднаш НАТО или да се оправдуваат одредени злодела на низа воени профитери. Но значи јасна одлука да се биде против војната без разлика колку оправдувањата за истата можат да бидат завиткани и убави како бомбонче.

Македонскиот народ треба да има емпатија или да сочуствува, да се соживее со страдањата низ кои поминува Украина и украинскиот народ. И ние како држава и народ искусуваме сеуште обиди да бидеме негирани. Истото тоа во говор го направи Путин кон Украина. Ги негираше целосното постоење на Украина. Држава која лично и Русија ја има признато.

Но одредени ликови сакајќи да ископуваат и повампируваат митови од минатото ја затрупуваат иднината.

Руската армија во оваа путинова војна може да ги запали сите домови, да ги гранатира сите школи и болници, да ги уништи сите цркви, може и да ја освои целата Украина, но нема да го уништи сонот на украинците да живеат слободно.

Путин тврди дека ќе ја ослободел Украина од неонацистите. Но ако сте ослободител на некоја држава нема да и ја уништувате виталната инфраструктура или да убивате и гранатирате цивилно население. Ќе се фокусирате на промена на режимот или на воените цели.

Не можеш да доведуваш слобода со методи полоши од оние во фашистичка Германија.

Оттаму и: Не можеш да сакаш во просперитетна ЕУ, а да се колнеш во авторитарни режими.

Петнаесет држави со распадот на Советскиот сојуз покажаа акт за градење на сопствен пат по кој ќе чекорат. Некои сепак останаа во вазалски однос со Русија, други поради страв или претрпена воена штета од поголемиот довчерашен брат. Но некои како Украина покажаа и пркос сакајќи самостојно да ја трасираат својата иднина.

И поради тоа ли да бидат казнувани и уништувани?

Зар е тоа оправдувањето поради кое илјадници луѓе веќе се загинати, а таа бројка продолжува да расте. Зар е тоа оправудвање илјадници домови, училишта, цркви, болници, музеи и градби од богатото украинско културно минато кое во многу нешта се спојува со руското, да бидат уништувани.

Зар не ве допира до срце, лелкот, страдањата и солзите на луѓето кои секојдневно ги гледаме на медиумите и социјалните мрежи? Мене срце ми се кине. И не само за овие крвопролевања туку и за оние во Јемен, и во Сирија, и во Ирак, и во Авганистан.

Загубата и на еден човек е загуба за целото човештво.

Секој со малку душа во себе ќе сочуствува и ќе биде против секое зло секаде и нема да бара или кажува оправдувања за пролевањето крв.

Но Злото не е само на оној кој го прави, туку и на оној кој може да го спречи, а не го спречува!

Среќен сум што скоро од сите страни на Светот доаѓа поддршка и повик за мир. Илјадници луѓе се собираат низ целиот свет за поддршка и повик за мир и сопирање на војната во Украина. Дури и во Русија и во Белорусија народ протестира. Но таму гледаме дека и мировното протестирање е казнувано. Тамошните луѓе кои повикуваат за мир се казнувани, тепани и ставани во затвор.

Сочуствувам и со рускиот народ кој мора да ги трпи репресиите на режимот. Но да се потсетиме дека народот ја дава и народот ја зима власта. Ако му преќипи на народот може да се случи и нова Октомвриска револуција.

Никој од надвор не може да воспостави стабилна промена како што тоа може да го направи самиот народ на една држава од внатре.

Западниот свет не сакајќи војната да се прелее надвор од Украина примени веќе низа економски санкции. Всушност истите се применети заради одлуката на властодржецот да поведе војна, а со тоа да ја пикне сопствената држава и народ во глувчја дупка.

Мнозина луѓе навиваат НАТО да изврши воена интервенција. Но дали сте свесни што тоа значи? Тоа е чекор кон голема војна од која нема назад. Сакам да верувам дека притисокот од економските санкции ќе го даде посакуваниот притисок кон режимот кој поведе војна.

Гледаме дека само за неколку дена како последица на тие економски санкции руската Рубља падна толку многу што 1 Рубља вреди одвај 10 центи, а руската берза откако вртоглаво паѓаше беше затворена за тргување.

Евровизија ја дискфлаификуваше Русија, Формула 1 го откажа септемврискиот Russian Gran Prix, Светскиот Куп во скијање е откажан од Русија од Меѓународниот Олимписки Комитет, низа туристички Крузерски линии се откажани, забрането е небото за летови од Русија од повеќе авио компании и држави. УЕФА Шампионската Лига е преместена од Русија да се одржи во Париз. Спонзорствата на Аерофлот Русија е одбиено од Манчестер Јунајтед како и спонзорството на Газпром на Лигата на шампиони. Голема е листата на откажани настани и соработки со Русија.

Ferrari, L’Oreal, Apple, YouTube, Lamborghini ја банираа Русија или ги затворија своите претставништва. McDonald’s затвора 850 ресторанти во Русија но компанијата ќе им исплаќа плата на работниците.

Низа руски бизниси и милјардери се протерани од ЕУ и други држави во Светот и истите во првите три дена изгубија повеќе од 100 милјарди долари. На тоа може да се додаде воениот трошок и трошокот за оружје кое го употребува Русија во инвазијата и бесмислената војна што ја води во Украина. На пример една командна единица за лансирање кошта околу 130.000 евра, а една ракета е околу 100.000 евра. А на Твитер може да се види како секојдневно се испалуваат стотици ракети.

Русија не доби отворена поддршка при гласањето на Резолуцијата во ООН од страна на Кина која гласаше воздржано, а исто и Казахстан, една од најблиските држави соработнички на Русија одби да учествува во инвазијата во Украина.

ФИФА И УЕФА ги суспендираа националниот тим и сите спортски клубови од Русија и нивните натпревари. Швајцарија ги банираше руските летови исто како и 32 други држави. На ред е блокада за руските бродови.

Една од светски најголемите мрежи за продажба на нафта и гас ШЕЛ ги суспендира договорите со Газпром Русија. Фолцваген, БМВ, Мерцедес ја откажаа продажбата на автомобили во Русија.

Волт Дизни компанијата, Нетфликс нема да ги прикажуваат своите филмови во Русија.

Листата веќе брои над 500тини компании кои го сторија истото.

Најголемите финансиски удари се исклучувањето на Русија од платежните платформи на Виза, Мастер Кард, СВИФТ. Потоа поништувањето на договорот за нафтоводот Северен ток. Забраната за летови за руските авиони, како и прекинувањето на купување руски гас од САД.

Оваа листа на илјадници санкции која секојднено се дополнува ќе го доведе народот во Русија во ситуација полоша и од најлошиот период во Студената војна или Втората светска војна.

Два прекрасни братски народи. Два наарода полни со душа и срце големо колку Русија пострадуваат само поради одлуката на еден центар да има војна.

Употребата на сила и принуда за промена на границите нема место во 21 век. Доколку тоа се случи кај помалата страна тоа ќе биде оправдување за низа териотријални претензии во други региони во Светот и до нови војни и крвопролевања.

Доколку не се случи мир и прекин на инвазијата во доследно време тоа може да постане и закана кон целовитоста на Русија во иднина и обид за нејзина поделба на три до пет дела но прекројување и на други држави што би било опасно за човештвото неисклучувајќи ја и употребата на нуклеарно оружје. Нешто до што не би посакувале да дојде.

Затоа тензиите и конфликтите треба да се решаваат исклучиво со дијалог и дипломатија. Нашите мисли, молитви и дела да бидат посветени кон мир и само мир.

Доколку сакаме благосостојба, мора да подразбереме дека алтернатива за мирот е војна. А војната не носи ништо добро.

Нема посебни патишта за мир. Мирот е единствениот пат!

Автор: СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search