Дијалог наспроти војна. Кој го уби мирот?!

Со нападот на агресорот Русија под наредба на Путин, од три различни страни на Украина но и со масовно гранатирање денес е е убиен мирот кој со децении се градеше во Европа после Втората Светска Војна. Не само воени цели, туку и низа цивилни цели беа погодени. Веќе има над стотина загинати и над 100.000 бегалци.

Со ова денес се потврди дека Украина е точка на тензија меѓу Русија и Западот, посебно од периодот на борбите со сепаратистите поддржани од Русија на истокот од земјата, во кои загинаа над 13.000 луѓе. Тогаш полуостровот Крим беше окупиран и еднострано припоен кон Русија со што се зголеми присуството на руските војници на украинската граница.

Што значи Украина за Русија?

Украина е многу важна за Русија. Нив ги следи нивната заедничка историја. Гледано наназад во времето тоа изнесува близу илјада години, се до кралството на Кевин Рас.

Главниот град Киев сè уште се вика мајка на руските градови и за многу Руси, вклучително и рускиот претседател Владимир Путин. Украина е дел од она што тој го нарекува историска Русија, а Украинците и Русите се еден ист народ или имаат исти корени.

Приближно 30 отсто од Украинците главно на истокот на земјата зборуваат руски како прв јазик и 15 отсто  од населението се сметаат себеси за етнички Руси. Ако ги земеме предвид границите на Руската империја и на Советскиот Сојуз во изминатите 300 години, Украина и Русија биле дел од иста земја. Украина во целиот тој период е од стратешко значење заедно со Белорусија, кои служат како тампон за инвазија кон Русија, како што тоа било во време на Наполеонските војни и двете Светски војни.

Пристаништето Севастопол на Крим е главна точка во топлото море за Русија. Истото било и важна индустриска база за оружје. Но тоа било така се до распаѓањето на Советскиот Сојуз во 1991 година. СССР банкротиран од неговата воена операција во Авганистан, нуклеарната катастрофа во Чернобил и неефикасната економија што се распадна по обиди за реформи во 1990-тите со националистички движења ширум Унијата што прогласија независност.

Тој пад на историската Русија, го има спуштено Црвеното знаме над Кремљ кога претседателот Горбачов поднесе оставка и го прекина седумдецениското владеење на комунистите со Советскиот Сојуз.

Петнаесет независни држави излегоа од сојузот, зашто во него имаа само катастрофална економија и неизвесна иднина. Советскиот Сојуз ги загуби своите марионетски држави од Варшавскиот Пакт и со стекнувањето независност на 15-те Советски републики Русија ја губи и Украина.

Со тоа картата на Источна Европа се променува целосно. Како последица на тоа, Русија и други поранешни советски републики имаат потпишано договор за развод со цел да ги нормализираат односите и да ја олеснат трговијата, а во случајот со Украина тоа значело предавање на 4.000 нуклеарни единици во замена за гаранции за нејзините граници и суверенитет.

Падот на Советскиот Сојуз, исто така, има доведено до нови односи меѓу Русија и Западот. Но овие односи се влошуваат поради доближувањето на Западот кон Исток, што Русија го гледа како западно напредување и нејзин страв од влијание кога ќе ги погледне промените на картата од крајот на Студената војна и како НАТО има започнато и каде е со границите придвижен денес.

Од една страна свртувањето на Украина, Русија го гледа како намалување на стратешката тампон зона што Русија ја имаше во минатото со повеќе од 2000 километри на помалку од илјада.

Од друга страна, Украина, изморена од комунистичкото и апатично минато кое го делеше со Русија и другите советски републики и гледајќи како некои соседи и други држави кои беа довчерашни комунистички сојузници зачекоруваат во отвореното општество, Украина и тамошниот народ го посакаа истиот благодат.

Дел од тамошните лидери не изградија независна балансирачка политика по примерот на Финска, Шведска, Швајцарија. Тие го следеа концептот за трансформација од Естонија, Латвија, Литванија, Словачка, Романија, Унгарија со замижување пред фактите и без да се погледнат предусловите дека сликата и решенијата кај нив не може да бидат црно-бело.

Решителноста за отворено општество се исправи наспротив предусловите и реалната состојба дека етничкиот состав во Украина, во кој солиден дел од населението е проруско или руско, а друг дел е сеуште носталгичен за сојуз со нивната „братска“ Русија е сеуште жеден за авторитарен режим. Тоа беше занемарено и тоа постана главен товар за Украина, а териториите со про-руско или руско население постанаа главен изговор за потреба од наводна заштита од Русија, а со тоа и анексија и од најново територии кои би биле прогласени за независни држави Луганск и Доњецк, а пред тоа и Крим.

Една поговорка вели: „Не дирај лава док спава.“ Но сега будниот лав сакајќи да изгради нова вазал држава како Белорусија или државите од Кавказ поради свои интереси или заштита, посегна кон методи спротивни на меѓународното право и цивилизациското време и креираше одредени кризи блиску до војна, или братоубиствени конфликти.

За оптимално решение во ситуацијата треба да се разгледа кој концепт би се применил: или лавот ќе треба да се прати во зоолошка градина како еден од концептите. Или ќе треба да се примени концепт на ненаивен пацифизам т.е. мир обезбеден од меѓународни сили. Или би требало да се формира бафер зона под посебно договорени услови за автономни територии со цел непролевање крв на братски народ.

Јас навивам за мир и верувам дека дијалогот секогаш може да донесе просперитет, решение и благосостојба. Но сум поборник за отворено општество и против тоталитарни режими. Затоа сметам дека одредени политичари кога се предолго на политичката сцена или создаваат апсолутна власт, а апсолутната власт апсолутно корумпира, а политичарите постануваат автократи и опасност, а многу пати и неславно завршуваат, а после нив следи потоп.

Многумина знам дека би навивале за војна без да согледаат дека војните денес не се идеолошки туку се со задни намери и не би донеле никому добро освен на одредени поединци и воени корпорации, но за народот би имало само разрушени домови и илјадници загинати луѓе.

Вистински да сакаа да војуваат САД и Русија најлесно ќе им беше тоа да го сторат во Беринговиот теснец каде растојанието меѓу нив е само четири километри. Затоа е полесно да се испроба оружјето на туѓа територија или онаму каде што народот најлесно би паднал на искушение за војување.

Во конкретниот случај САД се со десетпати поголем воен буџет од Русија. Но опсегот на одредени боеви ракети од Русија лесно би стигнал до одредени цели во САД. НАТО и Русија во низа воени ресурси се доближуваат со бројките иако голем дел од опремата на НАТО е далеку посовремена, но бројот на активен и резервен воен состав во Русија е поголем. Исто така системот на команда и одлучување во Русија е полесен за разлика од начинот на одлучување помеѓу членките во НАТО сојузот. Сепак за секое воено постапување постојат и низа економски санкции од кои подебелиот крај го извлекува секогаш народот, а губитничката воена и политичка команда може да заврши како воен злосторник. Но во случај Украина наспроти Русија е борба на Давид против Голијат.

Затоа уште еднаш би рекол, МИРОТ ТРЕБА ДА БИДЕ ИМПЕРАТИВ. И за изнаоѓањето на мировни решенија преку дијалог не треба да се штедат часови, денови и години. Мнозина би сакале мирот да биде нарушен и подметнуваат кора од банана на која мирот лесно би можел да се лизне. Затоа мудрост од Господ за политичарите и субјектите кои одлучуваат и цврста решителност на народот за мир и ништо помалку од тоа.

Автор: СТЕВЧЕ Дечев

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search