Да примам или да не примам вакцина!? – колумна на Сашо Георгиевски

Низа антиваксерите велат: зошто јас здрав, прав, да примам вакцина и да внесувам нешто што може да биде штетно за мојот организам? Ова би имало логика, само доколку тој човек сигурно не би се заразил од коронавирусот и во тој случај нема логика да ја прима вакцината.

Но, причината зошто се прима вакцината не е ставање на трн во здрава нога, туку причината е тоа што ако не примиш вакцина можеш да се заразиш од коронавирусот и да се заболиш со тежок облик на Ковид 19, кој може да има дури и смртни последици.

Освен тоа, дури и да немаш некои многу тешки симптоми од болеста, можеш да заразиш други луѓе околу тебе, кои би можеле да добијат тешки симптоми. Ако вакцината ја третираме како потенцијално нужно зло, тогаш нашиот избор не е помеѓу злото (вакцините) и доброто (невакцинирањето), туку е избор помеѓу две зла (вакцинирање на здрав човек, или изложеност на опасност од зараза и смрт за тебе, или за некој околу тебе, кого ти би можел да го заразиш) од кои го бираме помалото зло.

Статистички, во Македонија, досега биле заразени околу 8,2% луѓе, што значи ако досега не си бил заразен веројатноста за тоа е отприлика 1:13, или ти во некој нареден период да бидеш 1 од 13-те луѓе кои ќе бидат заразени. Ако се разболиш од Ковид 19, односно ако бидеш тој 1 од 13-те, тогаш веројатноста дека ќе немаш тешки симптоми или ќе имаш релативно благи симптоми е околу 90%, а да имаш тешки симптоми и ќе завршиш во болница веројатноста е околу 10%. Додека процентот на оние заразени кои ќе умрат од Ковид 19 е некаде околу 3,3%, или просто кажано од 100 заразени луѓе, 90 нема да имаат тешки симптоми, 6-7 ќе имаат тешко време во болница, а 3-4 луѓе ќе умрат.

Причината зошто се вакцинираат луѓето, е за тие и нивните блиски луѓе да не бидат 1 заразен од 13-те луѓе, и да не бидат 3,3 луѓе од умрените од 100-те кои се заразиле.

Во Македонија нема прецизна статистика за тоа колку луѓе развиле посериозни нуспојави од вакцините. Наводно, официјалните информации велат дека нема луѓе кои умреле од вакцините и нема луѓе кои развиле многу сериозни симптоми од истите во смисла тешки тромбози, со последици мозочен или срцев удар и други сериозни реакции. Вистина, која никој не може да ја спори, е дека најголемиот дел од луѓето кои примиле вакцина немале никакви нуспојави после тоа, или имале многу благи нуспојави, како еднодневна температура, малаксаност, болка во раката и други облици на лесни реакции. Но, најверојатно, имало и потешки случаеви на нуспојави, кои здравствените власти не ги евидентираат во јавноста, кои се сосема сигурно процентуално многу малку луѓе на број, но ги има (иако тој процент сигурно е многу помал од процентот на луѓето кои може да се заразат или да умрат од Ковид 19).

Јас можам да ги разберам здравствените власти зошто не ги објавуваат бројките на луѓето со посериозни нуспојави после вакцината, или го разбирам и тежнението на здравствените работници, кои кога ќе се соочат со тежок облик на здравствен проблем кај пациентот во блиско време после примената вакцина, не го водат како последица од вакцината, туку бараат причина во нешто друго, бидејќи сега е време кога народот мора да се мотивира на вакцинирање, а не да се обесхрабрува и плаши заради поретките случаеви на тешки нуспојави, но сепак, јас сум поборник на откривање на сета вистина во секоја прилика и време, со сите факти, сакани и несакани можности, па широката транспарентност, ќе им даде можност на луѓето да си изберат што ќе прават и ќе се намали можноста за ширење на лажни гласини и претпоставки кај недоволно информираните граѓани.

Приказните на антиваксерите дека на долги стази вакцината ќе даде катастрофални резултати, дека луѓе ќе си го нарушат имунитетот, дека ќе станат неплодни, дека ќе умрат после три години, дека ќе имаат послаб организам од невакцинираните, се целосно во доменот на шпакулации. Уште поглупаво е логицирањето дека некој сака светот намерно да го иструе и да ја намали светската популација. Уште поглупаво е логицирањето дека некој ќе ни вгради чип во вакцината и ќе не’ контролира со 5Г антени и ќе не’ пали и гаси, како му се сака. Уште поглупаво е логицирањето дека вакцината е жигот на ѕверот од библиското Откровение.

Најчесто луѓето што ќе примат вакцина нема да чувствуваат никаква суштинска промена во својот организам, ниту блиску, ниту подоцна во животот. Секако, не е толку лесен изборот на човекот да се вакцинира или не. Шубе му е на човекот да прими вакцина и да не биде случајно баш тој, или некој негов сакан, оној на кого истата ќе произведе несакани нусефекти. Ако се додаде и фактот дека ни вакцините не се со стопостотна заштита од болеста и дека повторно е можно да се разболиш и да умреш, иако медицинската фела, според мене, сосема чесно и оправдано, вели дека вакцинираните имаат многу помал ризик од разболување со смртни последици, тогаш одлуката навистина не е толку лесна.

Ама па, статистиката недвосмислено вели и дека опасноста од невакцинирање и зараза е исто така многу голема за тебе и тие околу тебе, па сега секој треба да си ја пресмета таа статистичка математика и да си одлучи. Друга глупава логика на антиваксерите од Македонија е демек во Франција, Германија, Обединетото Кралство и другите западни земји, милиони луѓе излегувале на протести против вакцините, со што сакаат да прикажат слика дека тие развиени земји се доминантно против вакцините, што апсолутно не е вистина. Вистина е дека во Франција бројот на целосно вакцинирани луѓе со две дози е 56%, плус 14 % со една доза од вкупната популација, во Германија е 59%+5%, во Обединетото Кралство е 62%+8%, за разлика од кај нас во Македонија, каде тие бројки се многу помали 25%+8%. Исто така, процентот на лекари, научници и пронаоѓачи кои се против овие вакцини од различни причини, е многу многу помал од процентот на лекари, научници и истражувачи кои се за вакцини.

Ако во минатото главната критика одеше за властите зошто не обезбедиле навреме вакцини за Македонија, сега и антиваксерите носат одговорност за општото антиваксерско расположение во Македонија, кое според статистиката на бројот на се’ уште невакцинираните е далеку повиско кај нас отколу во овие развиени западноевропски земји, иако кај нас на протести има многу помалку луѓе.

Инаку, да ја кажам и оваа забелешка: Кај возрасното население во Македонија сепак тој процент не е мал. Дури 56% од населението над 50 години имаат примено макар една доза вакцина, што не е така лош процент, и е веќе доста над половината од популацијата на таа возраст. Во однос на фактот што највозрасните во нашата земја се најмногу вакцинирани (овие над 70 г. се дури 70% вакцинирани).

Ќе истакнам три важни фактори како мое согледување:

1. Сите тие луѓе над 50 г. спаѓаат во категоријата најзагрозени од опасноста од вирусот; но, исто се важни и овие фактори,

2. Сите тие луѓе над 50 г. се школувале во една друга држава, Југославија, каде образованието изгледа сепак беше значајно подобро организирано;

3. Сите тие луѓе над 50 г. живееле во еден систем каде се учени да ја почитуваат државата и да се покоруваат на мерките кои државата ќе ги востанови и ќе ги смета за полезни. Помладите се чини поефтино се (анти)едуцираат на Јутјуб и Фејсбук, а освен тоа премногу непријателски се настроени кон својата држава и мерките на властите во кои немаат доверба, а факт е дека за тоа и властите во Македонија во голема мера самите имаат придонесено, со своите глупави и корумпирани облици на власт и управување, низ сите овие 30 години на независна Македонија.

Сепак, за вакви сложени проблеми какви што се пандемијата, по малку мора и да се присетиме дека оваа држава е наша држава и ние сега не сме окупирани од Османлиите, за толку многу да ја имаме на пик и никогаш, па дури и во вакви тешки моменти, да не и’ веруваме.

АВТОР: Сашо Георгиевски

  • изнесените ставови се лични ставови и погледи на авторот.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search