Жешки градови. Дали знаете: Што значи 3-30-300?!

Жештините во урбаните средини стануваат директна закана за здравјето и животот на граѓаните. Сметките за струја растат, а многу луѓе немаат финансии да си дозволат клима уред. Резултатот се трагични последици – луѓе кои умираат од топлотни бранови, додека локалните власти најчесто одговараат со празни зборови и козметички решенија.
ЕУ уште во 2021 година усвои план за адаптација кон климатските промени, но прашањето е: колку од нашите градоначалници и совети навистина ја разбираат оваа обврска? Пристапот до разладени простории и соодветни услови за живот е веќе социјална политика, а не луксуз. Проблемот е што наместо да се зборува за реални мерки – намалување на топлинските острови, садење дрвореди, планирање на нови зелени површини – фокусот е ставен исклучиво на урбанизација.
Тревата на тревникот не е зеленило. Цвеќињата во саксии се декорација, не решение за климатска криза. Вистинското зеленило е дрво што создава сенка, парк што ја намалува температурата, плански дизајнирани улици со природна заштита од жештината. Но токму тоа изостанува во градските програми.
Сиромашните граѓани остануваат заглавени во најзагадените и најжешките делови од градот, додека електричната мрежа е под огромен притисок и секое лето се соочуваме со ризик од преоптоварување. Урбанистичкото планирање мора да се насочи кон здравјето на граѓаните, а не само кон интересите на градежните компании.
Како што се загрева континентот, сè поголемите градови и нивното население што старее ќе стануваат сè почувствителни на екстремните временски услови. Во медитеранскиот регион температурите растат многу побргу од глобалниот просек.
Луѓето што им припаѓаат на одредени групи се почувствителни на високите температури: постари лица, деца, луѓе со претходни болести, бремени жени и социјално изолирани лица. Можеби изненадува што граѓаните со ниски примања се особено загрозени. Една студија на шпанската Национална школа за јавно здравје (ENS) за влијанието на топлотните бранови врз морталитетот во Мадрид открива дека повеќе лица во населби со пониски приходи умираат од причини поврзани со жештина отколку во побогатите населби.
Побарувачката за разладување енормно ќе се зголеми во овој век и дека пристапот до пониски температури ќе стане клучно прашање за социјална правдa. За време на топлотни бранови тоа може да биде прашање на живот или смрт. Сè повеќе градови ги прифаќаат мерките за адаптација,но не сите имаат еднаков пристап до разладување.
Неодамна, Светската здравствена организација го воведе правилото „3-30-300“: секој би требало да може да види најмалку три дрвја од својот дом, секоја населба треба да има најмалку 30-процентна покриеност со крошни од дрвја, а секој граѓанин треба да има зелена површина во радиус од 300 метри од својот дом.
Темата за климатската адаптација мора да стане централна точка во програмите на градоначалниците и советите. Прашањето е едноставно: дали тие ќе обезбедат поотпорни и посоцијално праведни градови, или ќе продолжат да нудат декоративни решенија додека жештините ги убиваат најранливите?