Со Казандол е извојувана нова еколошка победа!

од протестите против рудник на смртта

Казандол стана симбол на судирот меѓу граѓаните кои ја бранат животната средина и политичките партии кои во трка за профит често ја запоставуваат.

Сè започна кога државата, предводена од тогашниот премиер Никола Груевски, додели концесија за рудник во Казандол. Плановите предвидуваа експлоатација на минерални богатства, но и сериозен ризик за загадување на почвата, водата и воздухот во регионот. Она што властите не го предвидоа е отпорот на луѓето. Граѓаните, заедно со еколошки активисти, почнаа протести и блокади. Гласот на селаните, научниците и експертите стана глас на разумот – тие предупредуваа дека краткорочниот профит ќе значи долгорочна катастрофа за природата и здравјето.

Под тој притисок, новата влада предводена од СДСМ реши да ја поништи концесијата. Но приказната не заврши таму – компанијата отвори спор и започна арбитражна постапка против Македонија. Со години висеше прашањето: кој ќе плати, дали државата ќе загуби милиони евра, и што ќе остане на граѓаните?

Пред неколку дена, Владата повторно предводена од ВМРО-ДПМНЕ објави дека арбитражата е добиена и Македонија заштедила огромна сума пари. Но вистината е дека без протестите и храброста на граѓаните, немаше ниту што да се брани – рудникот ќе беше реалност, а загадувањето трајна последица.

Казандол е пример дека политичките партии премногу лесно гледаат решение во распродавање на рудните богатства, без разлика дали тие се доволни само за краток период или служат како алатка за богатење на поединци. Она што останува по таквите одлуки е уништена природа и животна средина за сите нас.

Затоа, оваа приказна не е само за една арбитража, туку за тоа како граѓаните успеаја да го заштитат својот дом, и колку е важно јавниот интерес да биде над профитот на малкумина.

За нас

Со цел промоција на зелените вредности, слободата на говор и мисла, вистинитоста на факти, зајакнати со промоција на граѓанското општество и активизам, почит на различностите, унапредување на информираноста на граѓаните, развој на политичката култура и етика, а со посветеност за допринос кон похумано општество, праведна транзиција кон зелено со императив за унапредување на квалитетот на живот го создадовме GREEN-PRES.com како дел од независните, слободни и плуралистички медиуми.

Start typing and press Enter to search