Мирот не е наивен

Во светот често ќе слушнеме дека мирот е едноставен идеал, нешто што доаѓа со убави зборови и дипломатски насмевки. Но вистината е поинаква: мирот никогаш не бил наивен. Тој секогаш се темели на тешки одлуки, јасни принципи и бескомпромисна почит кон меѓународното право.
Денес, кога Украина ја брани својата слобода и иднина, Европа се подготвува да помогне во организирање на можен тристран самит меѓу Зеленски, Путин и Трамп. Но условите за било каков разговор мора да бидат кристално јасни и неповратни:
🔻 Украина мора да добие цврсти безбедносни гаранции за да го заштити својот суверенитет и територијален интегритет.
🔻 Не смее да има ограничувања за вооружените сили на Украина, ниту за нејзината соработка со трети земји.
🔻 Русија не може да има вето врз патот на Украина кон ЕУ и НАТО.
🔻 Одлуките за сопствената територија ќе ги носи исклучиво Украина. Меѓународните граници не смеат да се менуваат со сила.
🔻 Поддршката за Украина ќе продолжи, затоа што тоа е прашање на праведност, а не на интерес.
Она што беше постигнато по Втората светска војна – меѓународниот поредок заснован на почитување на државниот суверенитет, интегритетот на границите и заштита на човековите права – е темел на денешната Европа. Мирот тогаш не беше подарен, туку изграден врз принципи кои ги штитеа малите и послабите од диктатот на посилните.
Затоа, секој обид да се прикаже дека компромисот може да значи отстапка од овие вредности е опасна илузија. Илузија е и приказната за „заштита на малцинските права“ на својот народ, кога зад себе оставаш само урнатини токму во областите каде што живее тој народ и продолжуваш да убиваш. Веќе се убиени милиони војници и недолжни цивили од двете страни. Толку семејства се зацрнети, милиони деца нема да ги видат своите родители, и тоа само затоа што некој се правда дека „НАТО дошол преблиску до границите“. А вистината е дека НАТО одамна е таму.
Мирот не е наивен, а вистината за Украина мора да се гради врз јасни правила: нема нови Јалти, нема преговори на сметка на суверенитетот, нема трговија со правото на една нација да постои слободно.
Во 21 век, Европа и светот не смеат да заборават дека мирот без правда е само пауза меѓу војни.
Нови предизвици – обединетост за мир

Последната средба во Вашингтон меѓу Зеленски, Трамп и водечките европски лидери потврди уште еднаш дека прашањето за мирот не може да се сведе на трговија со територии. Иако Доналд Трамп предложи можност за „директни преговори“ со Москва, кои би вклучувале и компромис околу делови од украинската територија, европските лидери решително одбија ваков пристап.
Франција, Германија, Велика Британија и ЕУ нагласија дека мирот мора да биде постигнат врз основа на принципи, а не врз наградување на агресорот. Единството во ставот дека суверенитетот и границите на Украина се недопирливи е клучно за иднината на европската безбедност.
Оваа обединетост покажува дека вистинскиот мир може да се постигне само преку правда – а не преку легализација на окупацијата. Украина има право да опстане како слободна држава, а Европа и светот имаат обврска да стојат зад тоа право.