Да се преброиме! Попис 2021
Денеска започна најважната и најсложена статистичка операција – Попис на населението, домаќинствата и становите, којашто ја спроведува Државниот завод за статистика.
По 20 години, конечно нашата држава ќе добие релевантни и актуелни податоци кои понатаму ќе бидат основа за креирање на реални политики кои во целост одговараат на потребите на граѓаните.
За оваа операција да биде успешна покрај професионалноста на вработените во Државниот завод за статистика и ангажираните инструктори и попишувачи, неопходна е соработката од сите граѓани повикуваат од институциите.
Пописот е начин Владата, јавните институции, локалната власт и бизнис заедницата да можат да обезбедат подобар живот за сите граѓани во државата.
ИСТОРИЈАТА НА ПОПИШУВАЊЕТО ВО НАШАТА ДРЖАВА!
На територијата на денешна Република Северна Македонија првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население. Постојат руски, француски, грчки и други извори на податоци за попишување на населението во 19-тиот век.
Првиот современ попис на територијата на Македонија е спроведен во 1921 година, а по Втората светска војна спроведени се 8 пописи во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада, кој претставува прв попис по осамостојувањето на Република Македонија и прв целосно самостојно подготвен и спроведен попис во Република Македонија.
Пописот во 2002 година е последниот спроведен попис во Република Македонија, додека во 2011 година пописот бил стопиран. Од денеска, 5 септември до 27 септември ќе се спроведува третиот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија.